ПЕЛА YU хитови

ПЕЛА МАК забавно

PELA CAFE

ПЕЛА МАК народно

ПЕЛА YU фолк

CSS Template

Прилепските училишта ќе носат забрана за користење на мобилни телефони за ученици и наставници?!

1.410

Дали во прилепските основни и средни училишта ќе се ограничи употребата на мобилните телефони? По трагичните настани во Србија ова се’почесто се појавува како потреба со цел децата повеќе да се насочат кон реалната наспроти виртуелната комуникација. Во некои од училиштата во Прилеп неформално веќе има изградено правила за ограничување на користењето на мобилните телефони, но по укажувањата од ресорното министерство голема е веројатноста општините секоја посебно да утврди посебни протоколи за таа намена. Препораките за тоа доаѓаат од Владата по заклучоците од 154 тата седница за превентива и безбедност на училиштата и на учениците за подобрување на процесите, безбедноста, организацијата и состојбите во основните и средните училишта.

 

Централно место во препораките од Владата зазема укажувањето и препораката до општините да ги задолжат директорите на основните и средните училишта за воспоставување на посебни протоколи за користењето на мобилните телефони:

„Владата им укажува и препорачува на општините/Град Скопје, да ги задолжат директорите на основните и средни училишта, да направат организација и протокол за начинот на користење на мобилните телефони на учениците и наставниците, за време на часовите и во просториите на училиштата. Се посочува дека користењето мобилни телефони во училниците е потребно да се ограничи, со цел да се поттикне дискусија, размена на идеи, отворени разговори, фокусирање на содржината на учење.“

Дел од укажувањата се и формирање на стручни тимови на ниво на општините во соработка со Меѓуопштинските центри за социјлна работа, одржување на состаноци на кои би се разговарало за взаемните одговорности околу превентивните мерки за заштита на учениците во училиштата, со посочувања на одредбите од Законот за семејство и од Кривичниот закон, во функција на безбедноста на учениците.

Поддршка на иницијативата за ограничувањата/забрана за користењето на мобилните телефони доаѓа од директорот на ООУ „Климент Охридски“ Прилеп, Ахил Јаков со следното соопштение :

„По упатство од министерството за образование и наука ООУ “Климент Охридски” Прилеп им соопштува на сите ученици кои учат во училиштето дека до крајот на учебната година 14.06.2023 год ќе има ограничено користење на мобилните телефони.

Од учебната 2023/24 год ќе има комплетна забрана за носење на мобилни телефони.

Ова соопштение треба да се земи сериозно бидеќи од 01.09 2023 год ќе се применува во целост.“

Дека трагичните настани во Србија предизвикаа  бура од позитивни реакции за ограничување и забрана на мобилните телефони во училиштата потврда е и анкетата на Радио Пела организирана на социјалните мрежи на која 1300 учесници одговорија позитивно, со над 170 коментари на одобрување.

Сепак, „топката е фрлена„ кај општината, која треба да ги задолжи директорите на основните и средни училишта, да направат организација и протокол за начинот на користење на мобилните телефони на учениците. Дали тоа ќе биде забрана?!

Vivafarm

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

error: